Претставничкиот дом на чешкиот Парламент денеска усвои закон со кој се дозволува државата да им забрани влез на странци во земјата или да им ги замрзне имотите доколку извршиле сериозно кривично дело или ги прекршиле човековите права.
Текстот на нацрт-законот, кој допрва треба да биде усвоен од Сенатот и потпишан од претседателот, е насочен кон поединци и компании кои поддржуваат тероризам или извршители на кибер напади.
Предлог-законот го овластува Министерството за надворешни работи да ги вклучи лицата фатени во такви злосторства на списоците за санкции на Европската Унија или Чешка.
-Чешката Република сега ќе има алатка против секој кој ги крши човековите права, поддржува тероризам или се вклучува во кибер напади, напиша чешкиот министер за надворешни работи Јан Липавски на Твитер.
Чешката влада првично планираше да го донесе законот до крајот на 2023 година, но процесот беше забрзан со руската инвазија на Украина.