Претседателот на Собранието Талат Џафери по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до сите кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар.
– Почитувани граѓани, припадници на католичката вероисповед. Ми претставува чест од името на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и од свое лично име да Ви го честитам големиот христијански празник – Велигден на сите што го славите по грегоријанскиот календар.
Упатувам срдечни желби до сите празникот да го дочекате пред сѐ во добро физичко здравје, душевен мир и семејна благосостојба и напредок. Со оглед дека на празникот му претходи период на пост со кој се прочистуваат телата, тоа е одлична можност и за духовно прочистување на мислите и душата и обновување на вербата и надежта кај сите. Нека пораките на меѓусебно разбирање, взаемна почит, солидарност и човечност бидат најдобрата основа врз која ќе се гради и просперира Република Северна Македонија. Ова се времиња на предизвици и потребно е сите да сме силни и со духот и со телото. Потребно е да сме сплотени за да бидеме силни и цврсти во заедничките одлуки што ги носиме за доброто на сите. Затоа што се тоа одлуки со кои и ќе живееме сите.
Верувам дека светлината на овој голем празник ќе ги осветли душите, ќе ги стопли срцата и ќе го разбистри умот на сите што низ животниот вртлог застранија или го загубија својот пат и својот мотив. Нека таа светлина ги осветли и стопли домовите на сите граѓани, нека донесе мир и хармонија во мислите и срцата. Честит католички Велигден!, се вели во честитката од Џафери.