Претседателот на Собранието, Талат Џафери го честита 11 Октомври – Денот на народното востание, повикувајќи на сплотеност и единственост во одбрана на достоинствениот и еднакво добар и квалитетен живот за сите, како и во одбрана на стабилната и сигурна иднина за идните поколенија.
Денес, кога граѓаните на Република Македонија, ги уживаат благодатите што ги нуди слободата и слободното изразување на мислите, ставовите и гледиштата, не можеме да ги пренебрегнеме жртвите, влогот и пред сѐ, идеалите што ги водеа сите тие знајни и незнајни јунаци кои во ниту еден миг не се двоумеа да застанат на вистинската страна, на страната на правдата, на страната на доброто наспроти злото. Со јасна цел пред себе, тргнаа во одлучна борба против фашизмот, против окупацијата, насилството, поделбите, понижувањето и дискриминацијата помеѓу луѓето. Таа битка се доби меѓутоа, за жал, битките секојдневно продолжуваат во други димензии од животот и предизвикот е секојдневно сѐ поголем. Ужасните вести што ги слушаме од блиските и далечните региони се аларм и потсетник дека мирот е кревок и треба да се негува, да се чува и штити, внатре и надвор. Секогаш сплотени и единствени, како граѓани и како човечки суштества, секогаш да застанеме во одбрана на достоинствениот и еднакво добар и квалитетен живот за сите. Секогаш во одбрана на стабилната и сигурна иднина за идните поколенија. Драги граѓани, Ви посакувам да имате убав празничен ден!, наведува Џафери во честитката.