Чума кај мали преживари во Албанија, АХВ со засилен надзор и целосна забрана на увоз
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) воведе мерки за засилен надзор поради чума кај мали преживари, особено во пограничниот регион на Западна Македонија. Целта е спречување на внесување и евентуално ширење на болеста од соседна Албанија на територијата на нашата држава.
Од АХВ информираат дека е засилена контролата на движењето и транспортот на овци и кози, откако синоќа било добиено известување преку европскиот систем ADIS на Светската организација за здравствена заштита на животните (WOAH). Според известувањето, во Република Албанија, во областа Дебар, село Кастриот, на фарма со 200 кози е потврдено ново жариште на чума. Ова следи по неодамна пријавениот прв случај во областа Скадар.
АХВ со забрана за увоз на животни и производи од Албанија
Во насока на спречување на ширење на болеста, АХВ донесе Решение за забрана за увоз и транзит на:
живи домашни и диви мали преживари (овци и кози),
семе, јајце-клетки и емброни од тие животни,
месо, производи и преработки од месо од мали преживари,
млеко и млечни производи,
нуспроизводи од домашни и диви мали преживари.
Забраната се однесува исклучиво на производи и животни кои доаѓаат од Република Албанија. Со ова, АХВ има за цел да ја блокира секоја можна маршрута преку која би можела да се внесе чума кај мали преживари на македонска територија.
Ветеринари и МВР алармирани за контрола и спречување на шверц
Со оглед на новонастанатата состојба, АХВ испрати известување до ветеринарните друштва и официјалните ветеринари за примена на засилен надзор на сите фарми со овци и кози, како и итно пријавување на секоја сомнителна појава на болеста.
Дополнително, на сила останува и Решението за безбедносни мерки донесено на 9 август 2024 година, кое исто така се однесува на заштита од чума.
АХВ ја известила и Министерството за внатрешни работи, со цел да се преземат засилени безбедносни и контролни мерки во пограничниот регион, вклучувајќи и спречување на нелегален внес на овци и кози од Албанија.