Камион со помош наменета за населението од подрачјата погодени од војната во Украина и организирана од македонскиот Црвен крст, денеска тргнува на пат и се очекува утре или најдоцна задутре да биде предадена на украинскиот Црвен крст и распределена на луѓето на кои им е најпотребна. Помошта се состои во 1200 пакети со храна и 400 пакети со хигиенски производи.

Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити пред заминувањето на камионот од Центарот за логистика во Момин Поток изјави дека и порано биле подготвени да ја пратат, но имале проблеми со транспортот.

– Ова е втора пратка хуманитарна помош за граѓаните во Украина. Пред неколку дена беше пратена помала количина помош во збирна пратка, а ова е една комплетна пратка. Претходно беа пратени 400 пакети со хигиена, значи вкупната помош која досега ја праќаме во Украина е 1200 пакети храна и 800 пакети со хигиена. Вредноста на хуманитарната помош е околу 3.290.000 денари. Имавме мали потешкотии околу транспортот зашто многу од шпедитерите тоа не го прават, но сега конечно тоа се реши и се надеваме дека многу брзо, во наредните ден-два, помошта ќе стигне каде што треба и дека ќе имаме мал придонес во обидот за справување со последиците од конфликтот во Украина, изјави Саити.

Тој рече дека помошта е обезбедена од граѓани, од институции и од резервите на Црвениот крст на Република Северна Македонија и дека и натаму ќе се мобилизираат за помош и планираат уште една ваква пратка. Црвениот крст ги очекува и средствата кои за помош на Украина ги одобрија градските власти.

– Ги очекуваме и нив и по добивање на тие средства кои се најавени, очекуваме да пратиме уште две вакви пратки за Украина, изјави Саити.


Во име на Амбасадата на Украина во земјава, за помошта се заблагодари заменик-амбасадорот Роман Буга, кој рече дека таа е наменета за семејства погодени од војната кои се внатрешно раселени во Украина, луѓе кои се наоѓаат во опасни зони.

– Тоа се пакети кои може веднаш да се користат и се помош и поддршка за овие семејства. Сета наша досегашната соработка беше многу корисна, имаше делумни пратки кои беа ставени во збирните пратки пратени од Амбасадата на Украина и од Здружението на Украинци во Северна Македонија. Сега го имаме овој цел камион. Се заблагодарувам на Црвениот крст и на целиот народ на Република Македонија за изразената поддршка и помош за украинскиот народ кој во овие тешки времиња страда во војна, рече Буга.

Црвениот крст исто така се грижи и за граѓани од Украина кои престојуваат во нашата земја. Саити соопшти дека засега се регистрирани 307 и дека претежно Црвениот крст се грижи за нивните основни потреби – облека, здравствени услуги и изучување јазик. Тој посочи дека засега може со свој потенцијал да се грижат за бегалците од Украина во земјава, а ако се зголеми бројот државата има механизми за организација.

– Ние имаме обезбедено за наредните месеци внатрешни фондови на Црвениот крст од извори на финансирање од Меѓународниот црвен крст. Грижата за нив ќе биде комплетна до крајот на летото со тие средства што ги имаме обезбедено, доколку остане овој број. Воведуваме курсеви по македонски јазик за заинтересирани граѓани од Украина кои престојуваат тука. Досега се пријавени 37 – 20 деца и 17 возрасни и тоа ќе почне утре. За време на летниот одмор планираме и смена за одмор за децата од Украина во нашето одморалиште во Струга, информираше Саити.