Доколку граѓанинот не може сам да ја отстрани опасноста, односно да го изгасне пожарот, должен е веднаш да ја извести најблиската противпожарна единица или полициска станица и да побара помош од граѓаните во непосредна околина.

Голем број на граѓани изминативе денови безрезервно ја подадоа својата рака во борба против огнената стихија. Дел од помалите пожари локалните жители успеаја да ги локализираат сами, а во поголемите дадоа огромен придонес со своето присуство, поддршка и активно вклучување во справувањето.

Од Центарот за управување со кризи велат дека зависно од реон до реон, некаде се вклучувале и граѓани, некаде само барале помош и очекувале од воздух да се интервенира. Оттаму споделуваат дека одејќи по терен се сретнувале со различни примери, меѓутоа, како што велат, сепак имаме една кохезија кога ќе дојде тој момент да се браниме од огнената стихија, при што безбедноста на луѓето и животните е на прво место, а потоа материјалните добра, бидејќи, материјалните добра може да се направат и купат повторно, луѓето не можат.

– Имаме примери каде што доаѓа човек со кеса и носи шише со сок и вода и им го дава на пожарникарите, има и примери кои што пак се обратни од тоа, едноставно доаѓаат и само како да сакаат да направат некоја сензација на својот профил на фејсбук, велат од ЦУК за МИА.

Превенцијата и справувањето со пожари, додаваат, најмногу зависи од совеста на граѓаните, како и од брзината на јавувањето. Потоа, од содржината и точноста на информациите, зависи и исходот, односно, успехот на акцијата за гаснење на пожари и заштита на животната средина. Од ЦУК велат дека се генерално задоволни од граѓаните, од нивниот одзив и јавувања за предлози за превенција во одредени региони, а исто така и на многуте доброволци што се јавиле во Кочани, Валандово, Беровско, Пехчевско, секаде каде што имаше пожари.

Дополнуваат дека има доброволци кои се пријавуваат и нудат помош и силите кои се ангажирани од субјектите на терен ја користат таа помош, но сето тоа се прави внимателно, бидејќи, како што велат, едно е да се има желба да се помогне, друго е да се има знаење, па затоа пред сè одат професионалците да гаснат, а помагаат доброволците.