Пожарот на планината Галичица кој гори веќе четврти ден никако да се изгасне целосно. Иако делуваше дека пожарникарите го имаат ставено огнот под целосна контрола, од Центарот за управување со кризи утринава информираат дека пожарот е активен на страната кон Ресен и се шири кој селото Стење. Дополнително, според извесувањата од ТППЕ Ресен, се слушнале и експлозии од куршуми и неексплодирани средства.
Сѐ уште е активен и пожарот во близина на „Јасен“ кај селата Брезница и Тажево кој гори над дваесет дена. Таму на терен се распоредени 40 припадници на Унгарските специјални сили и 25 лица од Специјалните сили на МВР. Поради тешкиот терен, тука се интервенирало и од воздух со еден хеликоптер и шест „ер трактори“.
„Пожарот на Илинска планина, што се простира на подрачјата на општините Демир Хисар и Охрид е под контрола и на некои места има чад во веќе опожарениот дел кој не претставува опасност. Во текот на денот на терен имало 4 вработени од ЈП НШ „Бигла“ Демир Хисар, кои во 18.00 часот се повлекле, како и 3 вработени од ЈП НШ „Галичица“ Охрид. Исто така на охридската страна, направени се заштитни појаси со машина од ЈП НШ“велат од ЦУК.
Вчера избувнал нов пожар во јужниот дел од Македонија кај селото Полог во Општина Новаци. Пожарот има голем фронт и се шири во правец кон селата Скочивир, Грумази и Сливица. Во текот на денот интервенирале ТППЕ Битола со 2 пожарникара и 1 ПП возило и 9 вработени од ЈП НШ „Кајмакчалан“ Битола. Во 23.00 часот дополнително биле испратени 3 пожарникари со 1 ПП возило во с.Скочивир, додека во 04.40 часот 2 пожарникара со 1 ПП возило кај Манастирот во с.Сливица.
„Во Општина Кичево, пожарот што на ден 07.08.2024 година започна кај с.Челопеци се прошири кон с.Бигор Доленци е активен и истиот е на тешко пристапен терен. Во текот на денот интервенирале 3 вработени во ЈП НШ „Лопушник“ Кичево и 50 војници од Армијата. Исто така во попладневните часови интервенираше и воздухоплов на Армијата“,кажаа од ЦУК.
Дополнително, активни пожари има во Општина Струга во селото Долна Белица кој е проширен кон селата Октиси и Велешта, а пожар има и во скопско, кај селото Ласкарци и Паничари.