– Тоа значи дека 24 часа на ден, дење-ноќе, во секоја секунда во нашата земја двајца жители добиле позитивен резултат од тестирање. Никогаш досега не сме поминале низ таква ситуација – изјави министерот за здравство Оливие Веран.
Тој истакна дека ситуацијата во болниците веќе била загрижувачка поради бранот што го предизвика претходниот сој делта. Ударот на уште позаразниот омикрон сѐ уште не се чувствува врз здравствениот систем, но министерот Веран го смета за неизбежен.
Рекорден број на новозаразени лица деновиве има во Обединетото Кралство, Италија, Шпанија, Португалија, Данска и Грција. Во САД во вторникот имало 267.000 нови случаи, при што речиси 60 отсто биле предизвикани од сојот омикрон. Во Австралија завчера имало 18.300 нови случаи, речиси двојно повеќе од рекордните 11.300 потврдени во претходнит ден.
Истражувања во Британија, Јужна Африка и Данска потврдуваат дека омикрон е помалку смртоносен од некои претходни варијанти и предизвикува поблаги симптоми, но Светската здравствена организација укажува дека огромниот број случаи секако ќе ги преоптоварат здравствените системи, а секако и економиите.
Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус го опиша ударот на омикрон како „цунами“ и оцени дека претставува висок ризик за системите.
Како итни мерки против новиот бран, здравствените власти препорачуваат вакцинирање со засилувачка доза, а низа земји го скратија задолжителниот период на изолација за да се намали притисокот врз бизнисите.