Петнаесегодишната пациентка од тетовското село Селце, која почина на Инфективната клиника во Скопје од компликации од ковид, била со тешка здравствена состојба и, иако лекарите ѝ овозможиле комплетна терапија, таа не успеала да ја победи болеста.

„Пациентката пристигна на Инфективната клиника во исклучително тешка здравствена состојба. Таа била претходно примена и во тетовската болница, но имала многу брз развој на тешка клиничка слика. Тераписки беше комплетно покриена, така што немало што повеќе да се даде од лекови и не можел да се смени крајниот исход од болеста“,вели директорката на Инфективната клиника д-р Милена Стевановиќ.

Таткото на починатото девојче во епидемиолошката анкета навел дека и мајката починала од последици од ковид-19.

Д-р Стевановиќ апелира до младите да бидат одговорни и да ги почитуваат мерките бидејќи, како што вели, младоста сама по себе не штити од ковид, како што се сметаше на почетокот од епидемијата.

„Имаме работа со тешка инфекција и мора да бидеме исклучително сериозни, независно од младоста. Младоста не нè штити така како што сметавме или се надевавме на почетокот на епидемијата“,вели д-р Стевановиќ.

На Инфективната клиника во моментов се хоспитализирани 160 ковид-пациенти од кои 10 до 15 примиле една или две дози на вакцина. Според Стевановиќ, клиничката слика на оние што примиле вакцина е драстично полесна отколку кај невакцинираните.

„Пациентите што примиле вакцина, а се хоспитализирани, претежно се со други придружни коморбидитети поради кои мораме да ги надгледуваме“,вели Стевановиќ.

Вчера почина и 22-годишен пациент од Куманово, кој најверојатно се заразил на свадба.