Премиерот Зоран Заев, како дел од неговата програма со активности на Бледскиот стратешки форум, имаше средба со премиерот на Република Словенија Јанез Јанша, во функција на словенечкото претседателство со ЕУ и со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

-На средбата беше потврдено дека проширувањето на ЕУ е приоритет на словенечкото претседателство и дека земјите од Западен Балкан треба што е можно поскоро да станат членки на Унијата. Соговорниците на средбата се согласија дека пречките што се исправија пред овој процес може да се отстранат и за тоа постојат позитивни примери од поблиското минато, информираат од Владата.

Заедничка констатација на премиерите Заев и Јанша и на еврокомесарот Вархеји е дека нема простор за други опции освен европски Западен Балкан и дека  Македонија и Албанија треба да ги почнат преговорите час поскоро.

-На средбата беше кажано дека до крајот на годината има доволно време Бугарија и Македонија да го изодат патот до решение кое ќе ја забрза европската интеграција на цел регион и дека решенијата подразбираат грижа за себе, но и грижа за другиот, соопштуваат од Владата.