Од имунолошкa гледна точка е подобро за трета доза различна од првите две, затоа што со првите вие сте направиле имунолошки одговор, не само на таа важна компонента, како што е спајк протеинот, туку и имунолошки одговор на сѐ друго што содржи вакцината, вели проф. др Лилјана Стевчева, имунолог со над 20 годишно искуство во САД, во изјава за ТВ 24.

Според неа, со третата доза е прашање колку ќе се направи имунолошки одговор на самиот спајк протеин, „затоа што вашиот организам ќе ја одбие вакцината пораду сите тие други антитела што ти имате кон другите компоненти“.

Д-р Стевчева прашува зошто во Македонија се препорачува трета доза за сите, кога препораката на СЗО е за луѓе над 60 години.

Секако дека е потребна трета доза за постарите над 60 години. СЗО пред некој ден излезе со соопштение, особено до граѓаните со примени кинески вакцини и се препорача трета доза за нив. Не знам зошто кај нас сите се вакцинираат со трета доза. Мал ни е процентот на вакцинација, а ставаме и трета, нагласува Стевчева.