Сојузот на синдикатите на Македонија ги повика работодавците да ги заштитат работниците од топлотниот бран и температурите што на места ќе надминат 40 степени. Од ССМ бараат да се почитуваат мерките за безбедност и здравје при работа и да се намали или целосно да се прекине работата на отворено во најтоплите делови од денот.

Посебно внимание треба да им се посвети на повозрасните лица, хронично болните и бремените работнички. Синдикатот нагласува дека животот и здравјето на работниците мора да бидат приоритет во услови на екстремно високи температури. Работниците чии права не се почитуваат можат да го пријават случајот кај синдикалниот претставник, претставникот за безбедност и здравје при работа или во Државниот инспекторат за труд.

Пријава може да се поднесе и директно до Сојузот на синдикатите на Македонија. Според УХМР, топлото време ќе продолжи, а дневните температури насекаде ќе бидат над 33 степени.