Владата најостро ги демантира, како што вели, обидите за манипулирање на јавноста со неточни, комплетно измислени дезинформации од страна на СДСМ во врска со набавката за водата за пиење која се донира во Гостивар.

Владата наведува дека останува доследна на преземената обврска дека граѓаните на Гостивар ќе добиваат безбедна вода за пиење сè додека стручните лица и надлежните институции официјално не потврдат дека водата од водоводниот систем е исправна за употреба. Ова ветување целосно се исполнува и нема да биде доведено во прашање.

„Во однос на набавката на флаширана вода, точно е дека постапката со преговарање ја спроведе Службата за општи и заеднички работи и обезбедува вода бесплатно за граѓаните, а договорот преку тендер го доби компанијата „Кожувчанка“. Но, исто така е факт дека шише вода од 1,5 литри кое во малопродажба чини најмалку 25 денари, Владата го набавува по цена од 12,5 денари. Тоа е возможно затоа што компанијата „Кожувчанка“ учествува во набавката со сопствен придонес, со цел да им се помогне на граѓаните и институциите во услови на кризна состојба“, се наведува во реакцијата од Владата.

СДСМ претходно ја обвини Владата дека додека граѓаните на Гостивар со недели пиеле загадена вода, Владата преку Службата за општи и заеднички работи без тендер склучила договор за набавка на вода за пиење во вредност од 100.000 евра со „Кожувчанка“. СДСМ обвини дека за профитирање врз грбот на граѓаните.