САД би сакале Советот за безбедност на ОН овој месец да гласа за нови санкции против Северна Кореја поради нејзиното обновено лансирање балистички ракети, изјави денеска американската амбасадорка во ОН, Линда Томас-Гринфилд.

Минатиот месец, САД испратија првична нацрт-резолуција до 15-члениот Совет, со која се предлага забрана за извоз на тутун и двојно намалување на извозот на нафта во Северна Кореја и ставање на црната листа на хакерската група Лазарус.

– Нашиот план е да продолжиме со таа резолуција овој месец, истакна американската амбасадорка како одговор на прашањето дали ќе го стави документот на гласање, бидејќи во мај САД претседаваат со Советот за безбедност.

Русија и Кина веќе сигнализираа противење на новите санкции. За усвојување на резолуцијата потребни се девет гласови „за“.

– Многу сме загрижени за ситуацијата. Се надеваме дека ќе можеме да го задржиме единството во СБ при осуда на тие севернокорејски дејства, истакна Томас-Гринфилд.

Северна Кореја е под санкции на ОН од 2006 година.