Овие, и уште многу показатели, укажуваат дека руралните жени во земјава се уште се соочуваат со низа предизвици (социјална исклученост, невработеност, родова дискриминација), алармираат на потребата од воведување родово-одговорно буџетирање (РОБ) во програмите за рурален развој и во планирањето на ИПАРД 3 програмата.

Како што беше речено на денешната дебата по повод Меѓународниот ден на руралната жена, 15 Октомври, постигнувањето поголема родова рамноправност и справувањето со постојаните нееднаквости, многу често значи да се работи различно со жените и мажите, да се препознаат различните пречки со кои тие се соочуваат, но и различните потреби, приоритети и аспирации.

– Познавањето на темата РОБ во руралните средини е речиси минимално. Целосно непознати се поимите родово-одговорно буџетирање, родов индекс, препознавање на родовата еднаквост како основно човеково право. За следење одлуки, локални или национални политики не може ниту да стане збор. Лицето за родови прашања кое треба биде назначено во рамките на секоја институција во Министерството за земјоделство го нема или и да го има е целосно непрепознаено на терен и во руралните средини, покажува истражувањето што го спроведе Рурална коалиција во периодот декември 2020 јуни 2021 година.

Според резултатите, загрижува фактот што жените не се издвојуваат како посебна група или категорија за да се поттикне и директно поддржи нивната економска активност преку ИПАРД програмата, туку се ставаат во иста категорија со младите земјоделци, ниту некоја од институциите води детална родово разделена статистика.

– Мора да се зголеми неформалната едукација, мотивација и еманципација кај жените од руралните средини за секторот земјоделство и рурален развој, како и за делот на родова рамноправност, вклученост во процесот на донесување на одлуки и концептот на родово-одговорно буџетирање, да се зголеми степенот и достапноста на информациите за програмите, мерките, начинот на аплицирање и ваквата информираност на населението да се врши континуирано и со вклучување на сите засегнати страни како што се: општини, локални медиуми, советници од институциите, граѓанските организации, да се работи на зајакнување на свеста кај руралното население и промената на традиционалните стереотипи во делот на наследувањето на имот во земјоделските стопанства, но и во делот на вклучување на жените во донесувањето на одлуки во домаќинствата, како и нивна регистрација како индивидуални земјоделки со платени придонеси за осигурување, рече директорката на Рурална коалиција, Лилјана Јоноски.

Во истражувањето се наведени и конкретни предлог-мерки за подобрување на РОБ во секторот земјоделство и рурален развој.

– Да се зголеми бројот на мерки за економското јакнење на жените од руралните средини со олеснети критериуми и со помал број потребни документи за апликација, 10 отсто од мерката 112 за млад земјоделец да оди кај жените-апликантки на повикот, да се зголеми процентот на исплата на реализираната инвестиција на 65 – 70 отсто по принципот на мерката „млад земјоделец“, со интервенција во Законот за земјоделство и рурален развој и додавање на категоријата жени регистрирани како индивидуални земјоделки, да се покачи износот на финансиска поддршка за мерката 115 – активен женски член, до 10.000 евра по корисник жена до 2024 година и да се зголеми опфатот на прифатливи трошоци и инвестиции особено во делот на обртни средства и потрошен материјал што им се најпотребни на жените од руралните средини, особено во процесот на преработка на земјоделските производи, стои во заклучоците.

Се предлага и критериумот од 100 отсто да се намали на 50 проценти реализација на инвестицијата како доволен критериум за исплата на останатите 50 отсто од страна на државата преку воспоставување гарантен фонд кој е предвиден во Програмата за рурален развој 2018 – 2023 година.

Рурална коалиција предлага и да се креира и дополнителнa родово-сензитивнa и трансформативнa меркa за поддршка на семејните земјоделски стопанства водени од жени земјоделки за излез од КОВИД-кризата и тоа мерка насочена кон дигитализација, изнаоѓање нови пазари за продажба на производи и нивна дистрибуција до куќен праг.