Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш денеска го повика Советот за безбедност да ги искористи сите средства што ги има на располагање за да се бори против „глобалната терористичка закана во Авганистан“ и да гарантира почитување на основните човекови права во таа земја.
-Добиваме страшни извештаи за сериозни ограничувања на човековите права низ целата земја, рече Гутереш, обраќајќи им се на земјите -членки на Советот за безбедност на ОН.
Тој нагласи дека е особено загрижен за извештајот за зголеменото кршење на човековите права на жените и девојките во Авганистан.
-Не можеме и не смееме да го напуштиме народот во Авганистан, рече генералниот секретар на ОН.
Седница на Советот за безбедност на ОН, посветена на ситуацијата во Авганистан, се одржува на барање на Естонија и Норвешка.