Доколку Конгресот ја поддржи идејата на претседателот на Ел Салвадор, мала земја во Централна Америка ќе стане прва во светот во која една криптовалута е официјално платежно средство.

Во тој случај, биткоинот би се користел како средство за плаќање заедно со американскиот долар, официјалната валута во Ел Салвадор.

Букеле објасни на големата онлајн конференција посветена на биткоинот дека на тој начин ќе им биде полесно на луѓето што ја напуштиле земјата да испраќаат пари назад во татковината – побрзо, полесно и без дополнителни трошоци.

Повеќе од два милиони Салвадорци живеат во странство, но сепак одржуваат блиски врски со нивната земја на потекло, враќајќи повеќе од четири милијарди долари секоја година.

Парите што пристигнуваат во Ел Салвадор од странство сочинуваат околу 20 проценти од бруто домашниот производ на земјата.

Во Ел Салвадор готовината најмногу се користи за плаќање, така што 70% од граѓаните сè уште немаат сметки во банка.

-Финансиската инклузија не е само морален императив, туку и начин за раст на економијата на земјата, овозможувајќи им на луѓето пристап до кредити, заштеди, инвестиции и безбедни трансакции, напиша Букеле на Твитер.

Претседателот објави склучување на партнерство со компанијата за производство на дигитални паричници „Страјк“, која ќе има за задача да ја „изгради“ инфраструктурата за употреба на биткоин во земјата.

Компанијата ја направи својата апликација за плаќање на криптовалута достапна во Ел Салвадор во март, а апликацијата наскоро се најде на првото место според бројот на преземања.

Букеле, младиот и многу популарен лидер на Салвадор, не објасни детално што би значело употребата на биткоин како официјално средство за плаќање и како ќе се надминат проблемите како што се големите осцилации во вредноста на биткоинот.

Повеќето од светските централни банки ја разгледуваат можноста за создавање свои дигитални валути. Во април, Банката на Англија објави дека планира да создаде свои дигитални пари.