Криминални групи од подземјето вршат притисок врз пратеници од власта да не гласаат за предвремени парламентарни избори, обвинува лидерот на опозицијата. Постоеле здраворазумни народни избраници и од редовите на СДСМ, кои знаеле дека единствен излез за Македонија се избори во најбрз можен рок, потенцира Мицкоски. Но, како што ги нарече полукриминални групи поддржани од владејачките партии, вршеле жесток притисок врз нив да го променат своето мислење.
-Не би имало човек во Парламентот рационален човек кој и посакува добро на Македонија, а да не посакува избори. Но, оние полукриминални групи кои што високото раководство на СДСМ и ДУИ ги контролираат и се дел од македонското подземје, веќе почнуваат да вршат притисок врз тие пратеници. Јас сум убеден дека тие ќе останат доследни, бидејќи борбата за Македонија нема цена, а криминалците еден ден ќе зажалат за ова што го прават, изјави Мицкоски.
Ваквите обвинувања од опозицијата доаѓаат во период кога власта е обвинета за низа скандали, а последниот каде Антикорупциска бара одговорност од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој не реагирал навремено за техничкиот преглед на автобусот на Беса Транс, кој во Бугарија изгоре со 45 лица. По добиениот технички извештај од инспекторатот, министерот не издал наредба во предвиденот рок од станицата да ги отстранат неправилностите, туку истата ја издал по три месеци, односно три дена по големата трагедија во Бугарија.
А во исто време и кај целата владејачка партија се покажува голема нервоза, па дури и премиерот си дозволи од владина говорница да етикетира две национални телевизии, Алфа и Телма, една дека била партиско гласило, другата пак дека била трговец со енергенси.
-Во државата има медиум чија што уредувачка политика повеќе наликува на компанија која тргува со енергенси, а има и медиум чија што улога повеќе личи на партиски сектор за комуникации, изјави Ковачевски.
Премиерот дури не најде за сходно конкретно да се извини на медиумите, туку тоа го направи одговорајќи на прашање читајќи од лист хартија, а причината била што сме го барале тоа извинување, па ете сме го добиле.
-Доколку некој се препознал во тоа што го кажав и ако е тоа вистина и притоа има потреба од извинување, тогаш го имате моето извинување, изјави Ковачевски.
Покрај Ковачевски нервозата во однос на медиумите ја покажува и коалицискиот партнер, Али Ахмети. Според него Алфа и Телма биле антиалбански медиуми. Подоцна лидерот на ДУИ не реши да се извини, но порача дека на мислел директно на медиумите, туку дека гледачите биле лоши.