Алијансата за Албанците оваа сабота во Куманово на Централно собрание ќе го бира новото раководство, а од понеделник преку внатрепартиски консултации ќе решава за влез во Владата, потврдија од партијата за МИА.

– Оваа сабота ќе се одржи состанокот на Централното собрание на партијата, на кој ќе биде избрано новото партиско раководство – потпретседателите и секретарите. Додека, пак, за понудата за влез во Владата, не се одлучува во понеделник, туку од понеделник ќе се разговара внатре во партијата, посочија од партијата.

Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари во изјава за една национална телевизија вели дека неофицијалната покана за влез во Влада ќе ја прифатат само за сериозна борба против корупцијата и ако постојат шанси да се обезбедат 80 пратеници за уставни измени.

– Трето, најважен интерес на граѓаните е земјата да успее да ги направи уставните измени и да почнеме преговори со ЕУ. Ако добиеме имформации од другите партии на власт дека постои можност за обезбедување на 80 гласови тогаш треба да им дадеме шанса на уставните измени и преговорите со ЕУ. Цениме дека со такво мнозинство ќе придонесеме полесно да се убедат и пратеници на ВМРО и целата партија да ги гласа уставните измени. Доколку нема такви шанси тогаш не гледаме причина зашто да бидеме дел од власта, вели Таравари за Телма.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера во изјава за медиумите соопшти дека постојат шанси за влез на Алијансата за Албанците во Владата, но тоа ќе зависи и од политичкиот договор.

– Алијанса за Албанците има изразено политичка волја која што е „за“ европски концепт на државата. Дали ќе влезе во Владата? Да, постојат шанси за тоа. Исто како што кажаа и другите политички лидери. А дали ќе се случи тоа? Зависи од политички договор. Политичкиот договор секогаш има два аспекти – едниот е програмски и другиот е кадровски. Додека не се случи такво нешто, не можеме со сигурност да кажеме дека ќе има уште еден владин партнер, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање на прес-конференција во Владата, на која заедно со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ информираше за скрининг процесот и следните активности поврзани со ЕУ интеграциите.

Премиерот потенцира дека е отворена можноста за сите оние кои што сакаат да се приклучат кон концептот за европска Македонија и сега е времето да го направиме тоа, бидејќи, како што рече, од нас зависи побрзото пристапување на државата во Европската Унија.