Компаниите се жалат дека поради нефункционалноста на Собранието не можат навреме да ги добијат платите и најавуваат дека ако тоа не се случи наскоро, може да се најдат во состојба да отпуштаат работници. Власта уверува дека пари за февруарската плата ќе има навреме, но потенцираат дека тоа зависи од пратениците. Ако нема тактизирање и водење од политички, туку од интересите на граѓаните, потенцираат, законот може да биде донесен навреме. Опозицијата пак, обвинува дека виновна за доцнење на носењето на овој закон е власта. Законот, велат, бил доставен во Собрание на 17 февруари, а ставен на седница за 23 март. Ова, појаснуваат, било со цел власта да има време да се задолжи за да може да ги исплати средствата предвидени со петтиот пакет мерки.

Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи посочува дека ако не се најде политичка волја да се донесе законот за финансиска помош на компаниите, за исплата на платите за февруари и март, компаниите би можело да се соочат со сериозни проблеми, што би довеле и до отпуштање на работниците.

Според него, состојбата со пандемијата во европските земји, тамошните затворања и помала побарувачка на стока, може до доведе до затворање на голем број наши компании или отпуштање на работници, затоа што ако тие немаат финансиска поддршка од државата логично е да ги отпуштат вработените.

-Во услови кога здравствената криза е присутна овде, бројот на заразените никако да се намали, а истото се случува и кај нашите најголеми трговски партнери во Европа, стопанството е навистина ставено пред голем предизвик да се остане, да се напуштат работници или да останат, така што скоро сите работодавачи кои имаат проблеми во вработувањето на нивните капацитети со душа го чекаат овој петти пакет на мерки за да видат дали ќе добијат помош за да можат работниците да ги остават на работа. Без разлика тие што не одат на работа, ама да останат во работен однос, вели Димитров за МИА.

Во спротивно, тој потенцира, дека доколку не се донесе законот бројот на луѓето коишто ќе останат без работа, кои ќе добијат откази ќе биде многу голем, особено оние кои се на определено работно време каде што работодавачот нема некои обврски законски, ниту пак парични давачки, може едноставно да не го продолжи договорот за работа кој им истекол.

-Но, јас се надевам дека пратениците ќе покажат разум дека во овој случај не се работи за партиски интереси, овде треба да имаат ист интерес и власта и опозицијата да се донесе законот кој ќе го спаси стопанството од поголеми потреби, бидејќи една затворена компанија тешко или ќе треба многу време да се обнови и дали воопшто ќе се обнови, а еден отпуштен работник, исто така, е проблем дали воопшто следниот период ќе може пак да се врати на работа, вели претседателот на ОРМ.

Тој додаде дека во текстилната индустрија се правела анализа која покажала дека најмалку 20 отсто од бројот на вработените, или околу 6-7 илјади работници, ќе останат на улица ако не се изгласа законското решение за финансиска поддршка за исплата на плати.

-Бидејќи во овој момент скоро сите се без работа, некои работат скратено работно време, некои работат со пола од работните денови во неделата, така што проблемите се многу присутни заради тоа што стои робата од последните два производни циклуса во магацините на нашите партнери, потенцира Димитров.

Од ССМ за МИА велат дека сите политички субјекти треба да се охрабрат и да излезат во пресрет на работниците, да ги исполнат ветувањата кои ги имаа дадено на барањата на работниците, вклучително и обезбедување финансиска поддршка за исплата на платите, која во изминатиот период беше воведена на барање на ССМ, со што се покажа дека се зачуваа работните места на нашите колешки и колеги, особено во најпогодените сектори како што тоа е во угостителството, туризмот, текстилот, градежништвото и други дејности.

Потребно е, велат од ССМ и во наредниот период, сите да придонесеме и здружени со иста цел, да ги зачуваме работните места и да се обезбеди плата за најпогодените работници во оваа здравствена криза. Македонските работници, потенцираат, со секое одолговлекување можат да трпат сериозни штети и последици по нивната егзистенција и егзистенцијата на нивните семејства.

Власта вели дека февруари ќе биде покриен со плати, а оти за другото одговорoт треба да го дадат пратениците во Собранието.

-Јас знам како би постапил да сум на нивно место, рече вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

Тој очекува дека наредната недела за кога е закажана собраниската седница, законите за економските мерки да бидат донесени и дека граѓаните и стопанствениците ќе ја добијат поддршката.

-Мислам дека тоа е научена лекција. Време за политика ќе има кога ќе живееме малку подобро, без притисок на здравствената криза. Затоа сметам дека за една недела или десет дена законите ќе бидат донесени и помошта ќе стигне до сите на кои им е потребна, нагласи вицепремиерот.

Од Опозициската ВМРО-ДПМНЕ негираат дека ги кочат законите за петтиот пакет мерки и најавуваат дека ќе гласаат за нив.
Потпретседателот на партијата Александар Николоски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе даде поддршка за овие закони пред се заради тоа што тие се во интерес на сите граѓани. Доцнењето во донесувањето, го стави на товар на власта.

– Мерките ги претстави Зоран Заев на почетокот на февруари, во Собранието се испратени на 17 февруари, Талат Џафери како претседател на Собранието избран од мнозинството закажа седница на која што ги стави на дневен ред овие мерки дури на 23. И тоа е во договор со владејачкото мнозинство за тоа што секогаш владејачкото мнозинство се координира помеѓу себе кои точки да бидат на дневен ред. Талат Џафери намерно ги закажа после месец и една недела, и ќе кажам зошто, за тоа што власта кога ги поднесе овие мерки немаше пари и доколку беа усвоени во Собранието што ќе беа ќе ги поддржеше и ВМРО-ДПМНЕ, ќе немаа утредента да исплатат поддршка за февруари и следствено за март. За тоа чекаа да помине еврообврзницата од енормни 700 милиони евра за го да го наполнат Буџетот, за тоа што во Буџетот имаа дупка бидејќи не знаат да го планираат истиот Буџет. Паралелно на тоа направија голема пропаганда дека ВМРО-ДПМНЕ го кочи процесот, јас кажувам можеби е наша грешка што порано не ги презентиравме овие факти, рече Николоски.

Во меѓувреме, не се знае дали албанската опозиција во Парламентот ќе даде поддршка за овие закони, затоа што претходно најави дека ќе блокира закони во Собранието се додека не добијат поддршка за законот за државјанство што тие го имаат предложено.

Помошта за плати е една од повеќето мерки од петтиот владин пакет, за кои е потребна законска регулатива. За некои законските решенија веќе се доставени во Парламентот, а некои се уште се подготвуваат.