Данска денеска соопшти дека ја отворила вратата за присуство на американски војници и воена опрема на нејзина територија како дел од новиот билатерален договор што го олеснува движењето на американските војници во Европа во услови на тензиите меѓу Западот и Русија.
-САД и подадоа рака на Данска, која, исто така, е членка на НАТО, и и’ понудија билатерална соработка во областа на одбраната“, рече премиерката Мете Фредриксен на прес-конференција.
Таа кажа дека сè уште не е дефинирана точната форма на оваа соработка, но дека може да опфати присуство на американски војници и воена опрема на данска територија.
Преговорите за идниот договор не се забрзани од актуелната криза меѓу Русија и Украина, рече данската премиерка, иако истакна дека сегашната криза ја „илустрира“ потребата од засилена соработка.
-НАТО и САД се гаранти на нашата безбедност, затоа формираме заеднички фронт со САД кога западните вредности, како демократијата и слободата, ќе бидат доведени во прашање, изјави данскиот министер за одбрана Мортен Бодсков.
Француските медиуми наведуваат дека оваа нордиска земја, која се бореше заедно со Американците во Ирак, во последните две децении стана еден од најблиските сојузници на Вашингтон во Европа.