Државната изборна комисија може да ги спроведе претстојните избори и со шест членови, но корисно би било да имаме и седми член, но нема да се мешаме во работата на Собранието, изјави претседателот на комисијата Даштевски.
„Ние не се мешаме во тоа, бидејќи тоа е регулирано во Изборниот законик. Оставаме Собранието да постапи и да избере член. Постапката е во тек. За нас би било корисно да имаме уште еден член, но не е наша работа да се мешаме во изборот. Си има закони и според закон треба да се постапува, така што ако ние се вмешаме тоа ќе значи дека ние не постапуваме според законот“, изјави претседателот на ДИК, Александар Даштевски.
Претседателот на ДИК нагласи дека и доколку не се избере нов член на комисијата, изборите ќе бидат спроведени како што треба.