Од утре ќе се расчистуваат долгите редици за чекање за пасош во станицата „Пролет“. Како што пишуваат од Министерството за внатрешни работи од утре пунктот во ПС Пролет се трансформира за презакажани термини за фотографирање.

Оваа мерка се однесува за жителите на Град Скопје, а трансформацијата е направена за да се забрза целиот процес.

Трансформацијата се прави со цел да се воведе ред наместо хаос и да се олесни и забрза добивањето на лични документи за жителите на Скопје. Граѓаните кои веќе имаат закажано термин ќе бидат контактирани од економскиот оператор задолжен за тоа и ќе им биде понуден нов термин во многу пократок рок. Истовремено, оние ослободени термини добиени при прочистувањето на сите списоци ќе останат на располагање за идни резервации, информираат од МВР.

Техничкиот министер Панче Тошковски кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ рече дека ќе се зголеми капацитетот во Пролет односно наместо 4 ќе функционираат 14 базни станици.

Тошковски во посета на Одделот за изработка на лични документи

Ќе се воведе и втора смена за фотографирање, но оваа мерка ќе започне од понеделник (12.02.2024 година).

Од утре во склоп на пунктот во ПС Пролет ќе функционираат 14 базни станици, на кои ќе се врши фотографирање на граѓаните од понеделник до сабота, а од понеделник (12.02.2024) ќе се воведе и фотографирање во втора смена, додаваат од МВР.

12-ти февруари е крајниот рок до кога ќе важат личните документи на кои не стои името Северна, потоа нема да може да се излезе од државава.

Техничкиот министер за внатрешни работи веќе направи зголемување на вработени на пунктот за фотографирање.

Премиерот на техничката влада Талат Џафери во интервју за МИА најави дека на владина седница ќе има поконкретни решенија за проблемот со патните исправи. Проблем со документи имаат и македонските граѓани коишто се во странство.