Печатењето на новите лични карти со подзаконски акт, а не со носење на измена на закон или усвојување на ново законско решение не е единствениот спорен момент во владината одлука за новиот изглед на личниот документ, вели за ТВ24 професорот Борче Давитковски. Имплементацијата на новото уставно име не е спорна, додава Давитковски, но ставањето на графата за етничка припадност е спротивна на европската пракса и ќе преставува проблем за земјава.
„Никаде во светот не постои рубрика национална припадност, исто како законот за државјанство не постои никаде во свет, мораме согласно европски стандарди ако добиеме датум Европа прво ќе бара да го укинеме законот според конвенциите и сега за личните карти“ вели Давитковски.
Во подзаконскиот акт за измена на личните карти, Владата се повикува на Уставот во однос на името на државата и во законот за јазици во однос на етничката припадност. Дел од експертите кои ТВ24 дополнително ги консултира велат дека поради немање на нов закон, подзаконскиот акт мора да се повикува на постоечки закони. Но Давитковски вели дека сега имаме небулозна ситуација кога подзаконски акт го поништува постоечкиот закон за лични карти.
„Носат уредба, имаме Устав, закони и подзаконски акт, она што се имплементоира во закон, па во подзаконски акт, сега наеднаш се брише и директна примена на Уставот, треба со измена на постоечки закони“ рече Давитковски.
Професорот Давитковски додава дека сегашната ситуација е производ на партиските калкулации и лукративни причини на владеачките партии, и затоа земјата се доведува во ситуации кои се спротивни на домашната и меѓународната легислатива.