Делегација на Собранието на Република Македонија од денеска до 18 април ќе биде во студиска посета на Република Хрватска, која е организирана од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС) во рамки на проектот „Поддршка на европската интеграција на Македонија“.

Во делегацијата се потпретседателот на Собранието и претседател на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски, претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, и пратениците Иванка Василевска, Дијана Тоска, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Саранда Стафаи-Имери, заедно со претставници од собраниската служба.

-Целта на студиската посета e запознавање со искуствата на Република Хрватска во процесот на европската интеграција, со посебен фокус на улогата на парламентот и значењето на меѓуинституционалната соработка. Преку размена на искуства, делегацијата ќе се запознае со добрите практики во усогласувањето со европското законодавство и спроведувањето на реформските процеси, соопшти собраниската прес-служба.

Во рамки на посетата се предвидени средби со високи претставници на хрватската Влада, Министерството за надворешни и европски работи, хрватскиот Сабор и со претставници на Европската комисија во Хрватска.

-Оваа посета претставува значаен придонес кон зајакнување на капацитетите на Собранието во процесот на европска интеграција, како и можност за унапредување на македонско-хрватската меѓупарламентарна соработка, се наведува во соопштението.