Актуелниот светски првак Германија, како и репрезентациите на Хрватска и Полска, синоќа и официјално обезбедија учество на претстојното Светско првенство во кошарка кое следната година ќе се организира во Катар.

Хрватската кошаркарска репрезентација успеа да избори мундијалски пласман по пауза од цели 13 години. Тие стигнаа до клучниот успех со победа на гостински терен против Полска со конечен резултат 80:69, по четвртини 25:14, 23:21, 18:14 и 20:14, во рамките на деветтото коло од квалификациската група К одиграно во Гљивице.

Главна фигура во редовите на Хрватска беше Данко Бранковиќ, кој реализираше 17 поени и забележа осум скокови под кошевите, додека капитенот Дарио Шариќ го заврши дуелот со 11 постигнати поени.

Кај домашната селекција на Полска, која и покрај претрпениот пораз успеа да се квалификува на светскиот собир, најефикасен поединец беше Јерих Хардин со запишани 19 поени.

Во истата натпреварувачка група, виза за Светското првенство на три кола пред финишот на квалификациите осигура и селекцијата на Германија, откако на жешкиот терен во Рига минимално славеше над Летонија со 78:76, по делници 14:14, 20:14, 25:27 и 19:21.

На табелата во групата К, селекциите на Хрватска и Германија имаат идентичен ефект од девет победи и само еден пораз, додека третопласираната репрезентација на Полска има скор од седум победи и два порази.