Најновите податоци од овластените лаборатории покажуваат дека во Словенија 200 случаи на делта сојот се потврдени со секвенционирање на примероците, од кои 66 случаи биле потврдени во неделата од 27 јуни до 4 јули, а 70 случаи во претходната недела. Резултатите се од секвенцирањето на примероците земени од стотици словенечки матуранти, кои се заразиле со Ковид-19 во Шпанија.
– Делта сојот се уште не е доминантен во Словенија, но е во фаза на експоненцијален раст, така што таа може да надвладее над другите варијанти во рок од една до две недели, истакна епидемиологот Матеја Логар.
Според неа, делта сојот се шири 70-80 проценти побрзо од класичната алфа варијанта и ја предизвикува болеста порано, бидејќи симптомите се развиваат помалку од пет дена по контактот со заразеното лице.
Словенечката Влада продолжува да предупредува дека наесен може да следи нов бран на епидемијата со Ковид-19 поради нови варијанти и недоволна вакцинација.