Делумна исплата од ЈСП ја нормализира линиската мрежа
По неколкудневен прекин, приватните превозници повторно се враќаат на улиците и ќе возат според редовен возен ред, објави 4NEWS.mk. Причината за продолжувањето на сообраќањето е делумната исплата што ЈСП Скопје ја извршило кон трите приватни компании.
Исплатени по 6 милиони денари на секоја компанија
Според информациите, ЈСП Скопје вчера попладне уплатило по 6 милиони денари на секој од приватните превозници. Иако сумата не е голема, тие ја оценуваат како позитивен чекор кој овозможува привремено продолжување на работата.
„Добивме информација дека ни се уплатени по 6 милиони денари и по координација со превозниците решивме да се вратиме на терен. Овие средства ќе бидат доволни за наредните две недели, а се надеваме дека во меѓувреме ЈСП ќе изврши нови уплати за да нема нов прекин во сообраќањето“, изјави Јовица Зафировски, сопственик на „Јофи бус“, за МИА.
Редовната исплата – клучна за непречен превоз
Превозниците потсетуваат дека имаат постојани трошоци за гориво и сервисирање, па навремена исплата е од суштинско значење за одржување на редовниот превоз. Минатата недела тие побараа од ЈСП да им го исплати вкупниот долг од 170 милиони денари, од кои 90 милиони се веќе доспеани.
Во петокот сообраќаа со редуциран возен ред од 5 до 10 часот, но од денеска линиите се целосно нормализирани.
Извор: 4news