Демократскиот сојуз цени дека измените на Кривичниот законик со кои се намалува висината на казните затвор за злоупотреба на службената положба и за злосторничко здружение, како и целосната декриминализација на јавните набавки кога е оштетена државата, широко ги отвораат вратите за натамошна криминализација и го промовираат принципот на легализација на високата корупција од носители на власта.
ДС укажува на неколку клучни елементи:
Прво, донесувањето на законот се одвиваше во скратена постапка без поширока парламентарна и експертска расправа.
Второ, постапката се водеше со европско знаменце со што се оневозможи преку амандмани, односно со филибастеринг, да се блокира усвојувањето на законот.
И трето, министерот за правда бил против овие измени, но Владата сепак го достави законот до Парламентот.
Образложенијата што ги даваат премиерот и платени експерти, дека ќе се ефектуирала конфискацијата на имотот на функционерите криминалци, посебно проширената конфискација, дека повеќемина ќе одговараат итн. воопшто не држат. Криминалците од власта најголем дел од украдените буџетски пари ги префрлаат на странски сметки во даночни рајеви, кои се недостижни за правдата, а сомнителниот имот во Македонија го регистрираат на туѓо име.
Сосема е извесно дека ова е брутален напад врз владеењето на правото и правдата.
Со овие змени се амнестираат од кривична одговорност актуелните функционери, но ќе ги користат и тие што веќе се осудени за ваков вид кривични дела.
Поцелисходно е да се направи амнестија на тие што веќе се на издржување на затворска казна во врска со настаните од 27 април 2017 година, со што ќе се корегира неправдата. Тогашната амнестија беше селективна и во функција на уставните измени поврзани со имплементацијата на Преспанскиот договор.
Криминалот ги разгради институциите и полека но сигурно ја загрозува државата.
Криминално водство на државата не може да биде кредибилен фактор пред странците ,а уште помалку да ги штити националните и државните интереси.