– Сите учествувавме заедно и тоа покажува колку ги мразиме, изјави за ДПА Каунг Сат, 25-годишен маж од Јангон, кој ја затвори својата продавница за чај за да се приклучи на протестот.

Улиците беа пусти во многу градови, а малку возила беа видени во Јангон, најголемиот град во Мјанмар. – Треба да испратиме порака до светот дека кршењето на човековите права во Мјанмар е на најлошо ниво досега, изјави за локалните медиумип редводничката на протестите Кин Сандар.

– Молкот е најгласниот крик. Сакаме да ги вратиме нашите права. Сакаме да победиме во револуцијата. Искажуваме тага за паднатите херои, објасни таа.

Водачите на протестот ги повикаа луѓето да спроведат тивки штрајкови од 10 до 16 часот во петок, но речиси сè беше затворено уште рано во денот.

Беа прикажани многу уметнички дела и графики за поддршка на тивките штрајкови.

Војската во оваа југоисточна азиска земја изврши државен удар на 1 февруари и ја собори цивилната шефица на владата, Аунг Сан Су Ќи.

Оттогаш, Мјанмар е втурнат во хаос и насилство. Војската на Мјанмар започна брутални напади и рации меѓу демонстрантите и цивилите низ целата земја за да ги запре активностите против пучот.

Според организацијата за заштита на човековите права „Асоцијација за помош на политички затвореници“, која ги документира убиствата и кршењето на човековите права, најмалку 1.300 луѓе се убиени, а повеќе од 10.000 лица се уапсени по пучот.