Најмалку 30 лица беа убиени во напад на армијата на Мјанмар врз училиште во село под контрола на бунтовниците во централната област Магвај, изјавија сведоци и претставници на опозицијата.

Според нивните изјави, меѓу жртвите се наоѓаат и едно бебе и неколку ученици, објавуваат странските медиуми.

Нападот се случил пред два дена, една недела откако Меѓународниот суд на правдата пресуди дека Мјанмар извршил геноцид врз малцинството Рохинџа во 2017 година.

Во нападот во четвртокот околу 15 часот по локално време за време на верска церемонија биле погодени училиште и манастирски комплекс во општината Синбаунгве, се наведува во заедничката изјава на Владата на национално единство (NUG) и Привремената федерална администрација за регионот Магвај – бунтовничка локална самоуправа која е на страната на опозициските сили.

Според официјалното соопштение, во нападот биле употребени четири авионски бомби, 12 артилериски гранати и седум самоубиствени беспилотни летала.

Портпаролот на НУГ, Неи Вон Лат, и локален сведок потврдија дека покрај девет бунтовници, во нападот загинале и повеќе од 20 цивили, вклучувајќи жени и деца.

Локален сведок изјави дека во времето на бомбардирањето немало активни конфликти во областа и додаде дека бунтовничките борци минувале низ селото само повремено.

Од друга страна, провоените канали на социјалната мрежа Телеграм тврдат дека воениот напад бил директно насочен кон церемонија по повод завршување на обуката и собирањето на бунтовничките сили.

Според евиденцијата што ја води НУГ, од 1 февруари 2021 година до крајот на октомври 2026 година, војската на Мјанмар извршила 15.327 воздушни напади во 6.653 одделни инциденти, при што загинале 6.467 цивили и оштетени се 562 училишта и 848 верски објекти.

НУГ и локалните привремени власти остро го осудија нападот опишувајќи го како неиспровоциран чин, наведувајќи дека станува збор за сериозно воено злосторство и директно кршење на одредбите од Женевската конвенција.