Ги повикуваме нашите европски партнери да покажат поголема храброст и да му дадат нов поттик на процесот на проширување на ЕУ и да не ја остават настрана историската и геополитичка димензија на ова прашање, истакна министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас.
– Одлуката за почеток на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија би бил одлучувачки чекор во таа насока, изјави Дендиас во интервју за информативниот портал „Њузбомб“.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, шефот на грчката дипломатија објаснува дека за регионот на Западен Балкан процесот на пристапување во ЕУ е „единствениот безбеден пат за мир, стабилност, реформи и просперитет, тоа е начин регионот да може да оди напред, оставајќи го зад себе она што обично го нарекуваме балканско минато“, додека пак за ЕУ, интеграцијата „пред се е геополитичка неопходност и е важно да не се дозволи создавање на „празнина“ на мапата на Европа, која би се обиделе да ја пополнат ревизионистичките сили со хегемонистички амбиции и дестабилизирачка агенда“.
Дендиас истакнува дека и од интерес на Атина е земјите од регионот да напредуваат во нивниот пристапен процес, да се развиваат економски, да се стабилизираат, посочувајќи дека Грција своето балканско присуство не го гледа како „осуда“, туку како „историска мисија“, со оглед на тоа дека е најстарата земја членка на ЕУ на Балканот и чувствува „историска одговорност да го насочи регионот кон ЕУ, но и ЕУ кон регионот“.
Тој потенцира дека ова е и една од причините зошто Грција отсекогаш била „локомотивата на европскиот пат на регионот“ и преку Солунската агенда од 2003 година и затоа „продолжува да работи напорно за постигнување на оваа цел и испраќајќи порака во две насоки“.
– Од една страна до нашите европски партнери, кои ги повикуваме да покажат поголема храброст и да му дадат нов поттик на процесот на проширување. Ова прашање да не го гледаат само во неговите технички параметри, оставајќи ја настрана неговата историска и геополитичка димензија. Одлуката за почеток на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија би бил одлучувачки чекор во таа насока. Од друга страна до регионот, што имав можност да го истакнам тоа при моите неодамнешни посети на Тирана и Скопје и ќе го повторам при посетите на другите главни градови во наредните денови во следниот период, рече Дендиас.
Тој објасни дека ги повикуваат земјите од регионот да продолжат доследно да ги исполнуваат предусловите за нивниот европски пат, да ги спроведуваат потребните реформи, да ги почитуваат добрососедските односи и нивните договорни обврски, да ги решаваат своите билатерални прашања во согласност со меѓународното право и „целата енергија да ја насочат во оваа насока, а не во неисториски обиди за покренување на непостоечки прашања“.