За нас, за Грција, стабилноста и просперитетот на Балканот претставуваат витален национален интерес. Сето она што го зајакнува еден од нас, кога во рамките на вистинска соработка, сметаме дека го зајакнува и целиот регион, бидејќи безбедноста на Балканот е и европско прашање, посочи министерот за одбрана на Грција Никос Дендиас на 19. Балканскиот Самит на началниците на Генералштабовите, јави дописничката на МИА од Атина.
Конференцијата се одржува во периодот од 2 до 4 јуни во Солун со учество на началниците на генералштабовите на балканските земји, меѓу кои и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
На почетокот на Балканскиот самит се обрати министерот за одбрана на Грција, кој рече дека одржувањето на 19 средби за дијалог претставува потврда на тоа дека „безбедноста на Балканот не е прашање на само една држава, туку е заедничка одговорност“.
– Вооружените сили на земјите што коегзистираат во истиот географски простор, и покрај нивните различни историски патишта, се повикани, како и секогаш, да бараат заедничка основа за предизвиците што ги надминуваат нашите национални граници. Многу добро знаете дека живееме во време на брзи и обемни промени, посочи Дендиас.
Тој додаде дека технологијата, беспилотните системи, сајбер-заканите, хибридните облици на војна „суштински го променија начинот на кој ја сфаќаме оперативната подготвеност“, и затоа, рече дека вооружените сили треба исто така да се променат.
Нагласи дека мирот бара правда и сила, но и подготвеност и одговорност, а регионалните кризи и повторната појава на ревизионистички перцепции „директно го ставаат на тест меѓународниот безбедносен поредок“, но и дека нè потсетуваат дека за суверенитетот предуслов е способноста да се браниме на кредибилен начин.
– За Балканот, за Балканскиот Полуостров, оваа реалност има особена тежина. Балканот, Балканскиот полуостров, историски беше буре барут во Европа. Нашиот регион имаше претрпено нестабилност, конфликти, немири меѓу етничките заедници и промени на границите. Затоа, можеби знае, подобро од кој било друг, токму преку сопственото историско искуство, дека мирот не е нешто што се подразбира само по себе, посочи Дендиас.
Се осврна и на важноста на меѓусебната доверба, на отворените канали на комуникација, на соработката и истакна дека конкретниот Самит е рамка за координација, соработка и изградба на заедничка оперативна перцепција меѓу генералштабовите.
Паралелно рече дека Грција, како европска држава со балкански идентитет игра улога како мост на дијалог и центар на регионална интероперабилност, но и ја повтори грчката поддршка за европската перспектива на Западен Балкан.
Балканскиот Самит оваа година е на тема „Предизвици и иновации во цивилната заштита – прилагодување кон новите реалности на војувањето“, со учество на началниците на Генералштабовите на Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Србија, Турција, домаќинот Грција и нашата земја, како и претставници од Хрватска, Романија и Словенија.
Извор: Курир
