Предметот продолжува со сослушување на сведоци

Судскиот процес против поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, кој заедно со уште двајца онколози е обвинет за несовесно лекување пациенти, денеска треба да продолжи во Основниот кривичен суд во Скопје.

На минатото рочиште, одбраната на Васев поднесе барање државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски да го преземе случајот или да го делегира на друго обвинителство. Поради потребата јавниот обвинител да донесе одлука, судот ја одложи расправата. Предметот го води судијката Снежана Марковска, додека јавната обвинителка Ана Гоговска Јакимовска го застапува обвинението.

Предметот се наоѓа во доказна постапка и денеска треба да продолжи со сослушување на сведоци предложени од страна на Обвинителството.

Обвинети за несовесно лекување и злоупотреба на службена положба

Поранешниот директор Нино Васев, заедно со онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, се обвинети за несовесно лекување, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со неправилно дозирање и без соодветна здравствена проценка.

Претходно, друг онколог, Мери Пешевска, призна вина и беше осудена на две години условна казна затвор.

Дополнително, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено обвинение за злоупотреба на службена положба и проневера, со штета на државниот буџет од над 2,2 милијарди денари.