Времето денеска ќе биде сончево и многу топло, со мала до умерена локална облачност и слаб до умерен ветер од променлив правец. Утринските температури ќе се движат од 13 до 22 степени, додека дневните ќе достигнат меѓу 33 и 40 степени.
И почетокот на следната недела ќе донесе претежно сончево и многу топло време низ Македонија. Највисоки температури во понеделник се очекуваат во Кавадарци, каде живата во термометарот ќе достигне до 39 степени. Во Скопје, Гевгелија и Струмица се прогнозираат температури до 38 степени.
Од вторник попладне постепено ќе се зголемуваат условите за локална нестабилност, проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Во среда се очекува позначителен пад на температурите, а локални врнежи и грмежи ќе има главно во западните, северните и југозападните делови од земјата.
Во четврток нестабилното време ќе продолжи во повеќе градови, додека источните и југоисточните региони ќе имаат повеќе сончеви периоди.
Петок се очекува да биде најсвежиот и најнестабилниот ден во текот на неделата. Во повеќе градови се прогнозираат дожд и зголемена облачност, а дневните температури ќе се движат од 18 степени во Дебар до 27 степени во Кавадарци.
Од сабота се очекува стабилизирање на временските услови, со повеќе сончеви периоди и постепено покачување на температурите.
Поради високите температури што ќе преовладуваат во понеделник и во делови од вторник, се препорачува да се избегнува подолг престој на сонце во најтоплиот дел од денот. При појава на локални грмежи можни се краткотраен пороен дожд, засилен ветер и брзи промени на временските услови.
