Во Гостивар има епидемија на гастроентеритис, оценува микробиологот Никола Пановски. Според неговата проценка, околу 1.500 лица се веќе регистрирани со исти симптоми, додека најмалку уште 5.000 граѓани воопшто не побарале лекарска помош.
Пановски во објава на социјалните мрежи упати остри критики до епидемиолозите, посочувајќи дека во еден град од иста болест се разболеле 30 проценти од населението, а и покрај тоа епидемија сè уште не е прогласена.
„Во Гостивар има епидемија на гастроентеритис. 1.500 регистрирани со исти симптоми и најмалку уште 5.000 кои не се јавиле на лекар. Во еден град оболеле 30 проценти од населението од иста болест и нема услови за прогласување на епидемија. Епа браво“, напиша Пановски.
Тој директно ги повика епидемиолозите да преземат мерки, нагласувајќи дека станува збор за нивна професионална должност, а не за политичко прашање.
„Епидемиолози, каде сте? Ова не е политика, ова е ваша должност да реагирате“, порача Пановски.
Надлежните институции во меѓувреме продолжуваат со истрагата за причините за масовната појава на стомачни тегоби кај граѓаните во Гостивар. Сè уште се очекуваат конечните лабораториски анализи, кои треба да утврдат дали причината е поврзана со водата за пиење или станува збор за друг извор.
