Со образложение дека денеска треба да биде подложен на операција, сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, кој е осуден на 10 години затвор за трагедијата кај Ласкарци, повторно побара одложување на издржувањето на казната. Тој денеска требаше да се јави во затворот „Идризово“.
Белули поднел барање за одложување на казната приложувајќи болничка документација и упат за операција потврдуваат од Кривичниот суд во Гостивар.
Во барањето е наведено дека од 28 ноември е хоспитализиран и дека за денеска има закажано операција. Судот ќе изврши проверка во болницата за да утврди дали наводите се точни, информираат од судот.
Пресудата за обвинетите во случајот Ласкарци е правосилна од мај. И Белули и Ремзи Мифтари – шеф на возниот парк на компанијата – претходно побараа одложување поради операција на кила. Мифтари во меѓувреме исчезна и полицијата не успеа да го пронајде за спроведување во затвор.
За разлика од нив, останатите осудени веќе се во „Идризово“:
– возачот Маноил Трифуновски (14 години),
– Јане Бобаровски (5 години),
– тројцата вработени во техничкиот центар (по 7 години).
Несреќата кај Ласкарци се случи во 2019 година, кога автобус на „Дурмо турс“ излетa од автопатот поради делумно неисправни сопирачки. Загинаа 14 патници, а повеќе од 50 беа повредени.
Според обвинението, автобусите биле технички прегледувани во станица што формално имала различен правен субјект, но ист сопственик – Белули.
