Претседателот на Собранието Талат Џафери не се откажува од намерата да се одржи 32 седница за која расправата е завршена и треба само да се изгласаат точките, па веднаш да премине на 36. седница за антикризните мерки.

Тој ги прозва пратениците од опозицијата да дојдат на седница и да гласаат, бидејќи како што рече, за тоа земаат плата. Останува неизвесно дали од ВМРО-ДПМНЕ ќе учествуваат во носењето на законите по 32-рата седница или ќе се повтори истото сценарио од пред два дена кога во тензична атмосфера со часови се убедуваа со Џафери која седница да има предност.

Координаторот на пратеничката група ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски вчера изјави дека на седница за изгласување на петтиот пакет мерки закажана за в недела сите 44 пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат присутни. На 32-та седница на Собранието нема да присуствуваме.

-Доколку немаат мнозинство владејачките партии, ете 44 пратеници ќе бидат во пленарната сала, па дајте да го изгласаме овој петти пакет на мерки. За 32-тата седница нема да бидеме внатре. Работата на претседателот е да констатира дали има кворум или нема за 32-тата седница и доколку нема ја прекинува, ја презакажува за некој нареден период и преоѓа на следната. Дајте луѓе да ги изгласаме петтиот пакет мерки, ме среќаваат луѓе на улица помош бараат, рече Мицевски.

Од владејачкото мнозинство не ја исклучуваат можноста во скафандери да ги донесат тројцата пратеници болни од ковид за да гласаат. Парите на граѓаните мора да стигнат кај нив, велат од СДСМ.

– Граѓаните и компаниите во овие тешки моменти предизвикани од ковид кризата чекаат помош за да опстанат фирмите и за да ги зачуваат работните места. Затоа, ќе направиме се што е потребно и се што е можно за да се донесат законите поврзани со петтиот пакет, изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.

Сепак, има сигнали дека денеска е можно да се обезбеди потребниот кворум од 62 пратеници за гласање, и во случај пратенциите на ВМРО-ДПМНЕ да не влезат во салата… Откако постигнаа договор со премиерот Заев за законот за државјанство очекувањата се и Алијанса за Албанците и Алтернатива да бидат присутни на денешната седница за гласање на антикризните мерки и доколку нема кворум, да го обезбедат.