Во Белград денеска ќе биде одбележана 20-годишнината од атентатот на српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ.

По тој повод српската премиерка Ана Брнабиќ и членовите на нејзиниот кабинет положија венци во дворот на Владата, на местото каде што беше убиен Ѓинѓиќ.

Функционери и активисти на Демократската партија (ДС) ќе маршираат од споменикот на Вук до кон Новите гробишта, каде ќе положат венци на гробот на Ѓинѓиќ во Алејата на заслужните граѓани.

Венци положи и вдовицата на убиениот премиер Ружица Ѓинѓиќ и алумни на Фондацијата „Д-р Зоран Ѓинѓиќ“.

Премиерот на Србија Зоран Ѓинѓиќ беше убиен на 12 март 2003 година.

Неколку часа по убиството, Владата прогласи вонредна состојба во Србија, а како сторители веднаш беа осомничени членовите на земунскиот криминален клан и дел од Единицата за специјални операции (ЈСО) на српското МВР.

За време на вонредната состојба, која траеше до 22 април 2003 година, полицијата уапси повеќе од 11.000 луѓе во операцијата Сабја, меѓу кои и политичари, високи воени офицери и носители на судски функции.

Во август 2003 година беше покренато обвинение против 44 лица за учество во организацијата на убиството, а судењето започна на 22 декември истата година во Окружниот суд во Белград.

На 23 мај 2007 година, судот ги прогласи за виновни обвинетите, кои беа осудени на вкупно 378 години затвор.

По 40 години затвор беа осудени поранешниот командант на ЈСО Милорад Улемек Легија и неговиот заменик Ѕвездан Јовановиќ како непосреден извршител на убиството.

Зоран Ѓинѓиќ е роден во 1952 година во Босански Шамац, а дипломирал на Филозофскиот факултет во Белград во 1974 година.

Тој е еден од основачите на Демократската партија, во која е избран за претседател на Извршниот комитет во септември 1990 година, а за претседател на партијата во јануари 1994 година.

На таа функција е избран во јули 1998 и февруари 2000 година.

Од февруари до септември 1997 година ја извршуваше функцијата градоначалник на Белград, како кандидат на коалицијата Заједно.

По победата на Демократската опозиција на Србија (ДОС) на парламентарните избори во декември 2000 година, тој беше избран за премиер во јануари 2001 година.