Од денеска ќе се вакцинираат вработените во основните и средните училишта во државата, соопшти Министерството за здравство. Следната недела ќе започне закажувањето термини за вакцинација и на вработените во високо-образовните институции.
Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, информираат од Министерството за здравство. Бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 484.220 граѓани.
– На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 358.686 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 11.299 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 13.732 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 586.537 дози вакцини, а ревакцинирани се 227.851 граѓани. Со последните бројки 53 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 50 проценти од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 45 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, соопшти Министерството за здравство.
Во државата продолжува темпото на намален број на новозаболени од Ковид-19. Во последните 24 часа се направени 2.760 тестирање, а регистрирани се 4 нови случаи на Ковид-19. Не се регистрирани починати, аоздравени се шест пациенти.
Инаку, пред три дена во државата пристигнаа 10 илјади вакцини на „Астра Зенека”, како донација од Хрватска. Тие од следната недела ќе бидат дистрибуирани по вакциналните пунктови низ земјата, а хрватската Влада донесе уште една одлука да донира дополнителни 20 илјади вакцини кои ќе бидат од производителот „Астра Зенека” или на производителот „Модерна”.
Данската Влада, пак, намени два милиони вакцини „Астра Зенека” како донација за Западен Балкан, од кои 250.000 дози за Македонија. Донациите за земјите од Западен Балкан ќе содржат дози од вакцината на „Астра Зенека”, кои Данска ги порача и ги плати, но кои не се испорачани сѐ уште. Моментално се работи на тоа донациите да се реализираат во наредните месеци.
Со вакцината на „Астра Зенека” во земјава ќе се ревакцинираат единствено граѓаните над 60 години. За сите други граѓани после регистрација на сајтот, од Министерството за здравство појаснуваат дека ќе направат обид да се обезбедат доволни количини вакцини по што, како што велат, ќе информираат прецизно во јавноста.