Вечерва во Крушево официјално започнуваат чествувањата по повод Илинден – Денот на Републиката и 123-годишнината од Илинденското востание и Крушевската Република. Со кревањето на знамето на Крушевската Република на Гумење и свечена програма ќе биде означен почетокот на традиционалната манифестација „10 Дена Крушевска Република“, која секоја година собира бројни посетители и учесници од целата држава.
Активностите започнуваат уште претпладне со положување цвеќе на гробот на Дамјан Груев, по што делегација на манифестацијата и на Општина Крушево ќе ја посети Спомен-куќата на Смилевскиот конгрес во селото Смилево.
Во 18 часот, пред Столбот на Крушевската Република кај црквата „Свети Никола“ во центарот на Крушево, ќе бидат пречекани Илинденските коњаници, по што ќе се формира свечена поворка до платото на Гумење.
„Очекуваме од 120 до 140 коњаници од повеќе места од Македонија. Посебен е пиететот да им се оддаде признание и почит на коњаниците кои ги продолжуваат илинденските традиции“, вели Захарија Ангелеска од националната установа – Дом на културата „10 Дена Крушевска Република“.
Во рамки на програмата, делегации ќе положат цвеќе и ќе оддадат почит на повеќе значајни спомен-обележја: на гробот на Питу Гули на Гумење, пред споменикот на Партизанските гробишта, на гробот на Тоше Проески, во криптата на илинденските востаници и пред бистата на Веле Марко на Гумење.

Во 19:30 часот, пред споменикот „Илинден“, ќе биде отворена изложбата на Државниот архив „Илинденското востание во архивската меморија“. Половина час подоцна, на Гумење ќе започне свеченото отворање на манифестацијата, на кое ќе се обрати градоначалникот на Крушево, Нико Чонески. Предвидени се и читање на Крушевскиот манифест, како и традиционалното симболично пукање од Црешовото топче – еден од најпрепознатливите симболи на Илинденското востание и Крушевската Република.
Покрај свечената програма на Гумење, музичка програма ќе има и во Градскиот парк во центарот на Крушево.
„Годинава главен покровител е Општина Крушево. Имаме интересна програма, го зачувуваме стариот начин на празнување, односно традиционалниот дел. Главното збиднување ќе биде на Гумење, а забавниот дел ќе се одвива во Градскиот парк во центарот на Крушево“, додава Ангелеска.
Централното чествување на Илинден ќе се одржи утре, на 2 август, на Мечкин Камен. На Големиот народен собир е најавено обраќање на потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски.
