Голем прекин на вториот по големина австралиски оператор за мобилни телефони Оптус ги парализираше телефонските и интернет конекциите на повеќе од 10 милиони луѓе.

Од раните утрински часови корисниците ширум земјата не можат да телефонираат ниту да пристапат на интернет, јавуваат австралиските медиуми.

Според извештајот на телевизијата 9њуз, ова е најголемиот прекин на телекомуникациите во историјата на земјата. Во соопштението објавено од компанијата напладне по локално време, се очекуваше да бидат потребни часови за обновување на мрежата.

„Ова е многу невообичаена појава и штом ќе разбереме што точно се случило, ќе ги споделиме деталите“, изјави извршната директорка на Оптус, Кели Баер Розмарин за радио станицата 2ГБ во Сиднеј.

Не е јасно што го предизвикало падот на системот, но властите ја отфрлија можноста за хакерски напад.

На својата веб-страница, Оптус ги советуваше клиентите кои треба да се јават во службата за итни случаи да најдат член на семејството или сосед на друга мрежа што може да им помогне.

Прекинот на услугата предизвика хаос во мрежите на јавниот транспорт во некои градови и дефект на мобилните системи за плаќање.

Оптус е вториот најголем телекомуникациски провајдер во Австралија по Телстра. Компанијата се најде на насловните страници минатата година кога хакери ги украдоа чувствителните податоци на милиони Австралијци во нападот на системот Оптус.

Оптус подоцна соопшти дека услугите се обновени, пренесува Ројтерс.