Италијански судија нареди заплена на 779,5 милиони евра од европската филијала на Ер-би-ен-би (Airbnb) и тројца поранешни менаџери на компанијата во истрагата за можно даночно затајување, објави Обвинителството во Милано.

Државните обвинители се сомневаат дека Ер-би-ен-би на изнајмувачите не им наплатила данок од 21 отсто за сместување и не им ги вратила сумите на италијанските даночни власти, согласно законот од 2017 година.

Обвинителството посочува дека Ер-би-ен-би не ги намирила даночните обврски од 2017 до 2021 година.

Ер-би-ен-би се обиде да го оспори италијанскиот закон од 2017 година пред Европскиот суд, кој пресуди во корист на италијанската Влада.

Владата на премиерката Џорџа Мелони планира да ја заостри наплатата на даноците за краткорочно изнајмување на недвижности и најавува зголемување на даночната стапка од 21 на 26 отсто за издавачите.