Сепак, според излезните анкети објавени по завршувањето на вчерашното гласање во 22 часот по локално време, нема гаранција дека таа и нејзините сојузници – ултрадесничарските и верските партии – ќе имаат доволно пратеници за да формираат нова влада.
Три израелски ТВ-канали објавија дека Ликуд освоил меѓу 31 и 33 места во Кнесетот со 120 пратеници, по што следува партијата на центарот (Има иднина) на израелскиот опозициски лидер Јаир Лапид со 16 до 18 места, објави АФП.
Асошиејтед прес наведува дека нема јасен победник на изборите и дека судбината на Нетанјаху е неизвесна, па политичкиот ќор-сокак ќе продолжи.
Излезните анкети покажуваат дека ниту Нетанјаху и неговите сојузници, ниту неговите противници, не успеале да обезбедат парламентарно мнозинство, што може да доведе до продолжување на ќор-сокакот, па дури и до петти по ред избори.
Официјалните резултати можеби нема да бидат познати со денови, но ако и конечниот резултат биде сличен на излезните анкети, обете страни ќе се обидат да го привлечат Нафтали Бенет, поранешниот сојузник на Нетанјаху, кој му стана ривал, за да имаат мнозинство.
Нетанјаху, со партијата на Бенет Јамина и партиите што инаку го поддржуваат, би имал тесно мнозинство во Кнесетот, според израелските медиуми.
Бенет ја дели тврдокорната националистичка идеологија на Нетанјаху, но навести дека ќе соработува со своите противници доколку му се даде шанса да стане премиер.
Скоро 6,6 милиони жители имаа право на глас на вчерашните избори, а излезноста, според првите информации, е најниска од 2009 година – околу 60 проценти.
Израелците гласаа за 24-тиот состав на парламентот, Кнесетот, поделен скоро на половина: оние што го поддржуваат долгогодишниот премиер Нетанјаху и оние што би сакале да го заменат.
Јасен победник немаше ниту на претходните три избори, а во мај 2020 година беше формирана влада на националното единство.