Почитувањето на европските вредности не може да биде предмет на преговори, порача претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен пред европратениците. Таа остро го осуди величањето на Ратко Младиќ на неговиот погреб во Белград. Во годишното обраќање за состојбата на Унијата, Фон дер Лајен најави и дека Комисијата наскоро ќе објави нови патокази за најнапредните земји-кандидати, при што проширувањето ќе остане строго засновано на заслуги.

„Бев згрозена од сликите од погребот на Ратко Младиќ во Белград минатата недела. Тој изврши едни од најстрашните злосторства против човештвото. Глорификацијата на воени злосторници едноставно нема место во Европската Унија“, рече Фон дер Лајен.

Таа порача дека сите жртви од војните во поранешна Југославија заслужуваат правда и траен спомен и потсети дека вистината останува темел врз кој функционира заедницата.

Во обраќањето Фон дер Лајен го претстави и предлогот за значително продлабочување на соработката меѓу ЕУ и Канада. Се разгледува можноста Канада да стане прв асоцијативен член на Унијата, но таков формален статус во моментов не постои и засега станува збор само за предлог. Соработката со Отава би се проширила во одбраната, енергетиката, технологијата и критичните суровини, во време кога Канада бара нови стратешки партнери.

„Ќе преминеме од (Сеопфатниот економски и трговски договор) CETA кон сојуз за иднината, за да создадеме заеднички простор за просперитет и економска безбедност. Ќе работиме на интелигентно производство. Ќе создадеме технолошка алијанса. Ќе интегрираме одбранбени индустриски бази. Ќе го направиме Арктикот водечки заеднички проект. Ќе користиме енергетски критични минерали и батерии за вештачка интелигенција, квантна, сајбер и економска безбедност. Ова не е партнерство против никого друг, туку за нашите заеднички предности“, рече Фон дер Лајен.

Меѓу главните пораки на претседателката на Комисијата беа и потребата од посилна и понезависна Европа, поголеми вложувања во одбраната, безбедноста и европската индустрија, како и поголема поддршка за Украина.

Фон дер Лајен најави нови европски правила за заштита на децата на интернет, меѓу кои и ограничување на пристапот до социјалните мрежи за најмладите. Таа најави и мерки против хибридните закани и сајбернападите.

На почетокот на следниот месец Фон дер Лајен треба да започне балканска турнеја, во чии рамки се очекува да ја посети и Македонија. Евроамбасадорот Михалис Рокас веќе ја оцени посетата како одлучувачки чекор кон започнување на пристапните преговори со ЕУ, но нејзината агенда сè уште не е објавена.