Македонската одбојкарска машка сениорска репрезентација е веќе во Галаци каде што в сабота ќе ја брка втората победа во Европската сребрена лига.
Со нови бодови од Галаци „црвено-жолтите“ ќе се најдат чекор поблиску до полуфиналето, односно учество на завршниот турнир. Романците кои на стартот беа подобри на гости кај Албанија со 1:3, ќе бидат посериозен, веројатно вистински тест за нашиот целосен капацитет.
Како што информира Одбојкарската федерација на Македонија, нашиот репрезентативец Филип Деспотовски добро ги познава сите романски репрезентативци. Тој смета дека треба да го одржиме стабилен нашиот примен и дека можеме да играме рамноправно против Романците.
Деспотовски во романското првенство помина осум сезони, од кои три во Галаци каде што беше капитен на екипата.
– Во Романија дојдовме нормално по победа. По првиот натпревар со БиХ, мора да продолжиме во ист ритам, дури и да ја подобриме играта на некој начин. Романците имаат подмладен состав, не толку млад, тие се играчи кои настапуваат во домашната лига. Имаат некое собрано искуство. Треба да го запреме коректорот Матеј, како и офанзивниот примач Ачобаницеи – вели македонскиот одбојкарски репрезентативец Деспотовски.