Чарлс Трети ќе биде крунисан за крал на 6 мај на најголемиот церемонијален настан во Велика Британија во последните седум децении, пренесе Фокус.
За време на церемонијата, кралот Чарлс III ќе биде крунисан заедно со Камила, сопругата на кралицата. Самата церемонија треба да започне во 11 часот, а кратко пред тоа се очекува кралската поворка да пристигне во Вестминстерската опатија, пишува Би-би-си.
Чарлс ја наследи својата мајка, кралицата Елизабета, откако таа почина во септември минатата година на 96 годишна возраст. Таа владеешее 70 години. Кралот Чарс ќе стане најстариот британски монарх на кој ќе му биде поставена круната на Свети Едвард на глава, која е 360 години. Тој седнува на престолот на 73 годишна возраст. Крунисувањето ќе се одвива во лондонската Вестминстерска опатија.
Кралското семејство поседува неколку круни. Кралот Чарлс Трети за крунисувањето ја избра „Круната на Едвард“. Таа е најстарата од британските кралски круни, направена во 1661 година, а првпат ја носел кралот Чарлс Втори. Оваа круна ја заменила средновековната круна, која била стопена во 1649 година. Од 1649 до 1661 година Англија накратко станала република, предводена од диктаторот и воен лидер Оливер Кромвел. Бунтовниците продале многу од кралскиот накит и го стопиле златото.
По обновувањето на монархијата (т.н. „Реставрација“), морало да се направи нова круна која во многу нешта наликувала на претходната. Според фондацијата Труст на кралската збирка (Royal Collection Trust), круната тежи околу два килограми, украсена е со рубини, аметисти и сафири и е направена од чисто злато. Нејзината вредност се проценува на околу 36 милиони евра.
„Круната на Едвард“ пред Чарлс ја носеше неговата мајка, Елизабета Втора.