Триесет и тригодишната кочанчанка, С. М., се здобила со тешки телесни повреди, а други две лица се полесно повредени во синоќешната сообраќајна несреќа што се случила на булеварот АСНОМ во Скопје.
„Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката од патничкото возило С. М. (33) од Кочани, а со телесни повреди се здобиле двајцата возачи, констатирани во Комплексот клиники ’Мајка Тереза’ и Градската општа болница ’Св. Наум Охридски’“, велат од СВР Скопје за МИА.
Од полицијата велат дека на местото на несреќата бил извршен увид од увидна екипа од СВР Скопје.
Од ЈСП Скопје информираа дека во автобусот „Јутонг“ кој сообраќал на линијата 3 немало патници, завршил со смена и се повлекувал во гаражата во Автокоманда.
„Полесно повреден бил возачот на автобусот, а потешко повредени биле возачот и совозачот од патничкото моторно возило. Причинета е материјална штета на двете возила. Според увидот и записникот на внатрешната контрола на ЈСП, патничкото моторно возило удрило во автобусот со неприлагодена брзина“, велат од ЈСП „Скопје“.