Бебе било киднапирано во Градскиот трговски центар, објави „А1он“. Настанот се случил утрово, околу 11 часот. Бебето било одземено од мајка, која стоела пред маркет во трговскиот. Киднапирањето било пријавено во полиција, потврдуваат и од МВР. Според информации од „А1он“ веднаш бил прегледан видео надзор, по што експресно бил утврден идентитетот на жената која го киднапирала детето. Таа била пронајдена
во Ѓорче Петров.

„Детето и С.С. (жената која го киднапирала) се пронајдени на територија на Ѓорче Петров и С.С. е приведена во полициска станица. Веднаш по добиената пријава преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и известен е јавен обвинител“, велат од МВР за „А1он“.

Жената која го киднапирала бебето се трансферирала со такси возило. Таа ќе добие кривична пријава.

МВР испрати соопштение за настанот:

Денеска (16.08.2022) полициски службеници од СВР Скопје ја лишија од слобода С.С. од Скопје, набрзо по добиена пријава околу 11.30 часот дека одземала бебе од Ѓ.М., која, според пријавеното, бебето го оставила пред маркет во Градски трговски центар во Скопје. Детето и С.С. се пронајдени на територија на Ѓорче Петров и С.С. е приведена во полициска станица. Веднаш по добиената пријава преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и известен е јавен обвинител. Извршен е разговор со сопругот на пријавителката, како и со возачот на такси возилото со кое С.С. заминала кон Ѓорче Петров.