Домашната и странската комисија со слични наоди
Алиу потсети дека минатата година била формирана интерна комисија составена од девет домашни медицински експерти, правници и економисти, како и претставници на Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување. Комисијата одржала 16 состаноци и разгледала 20 случаи, при што кај 13 биле утврдени сомнежи за непотребни операции или упатувања за операции.
Документацијата потоа била доставена до меѓународна експертска група составена од д-р Уголино Ливи од Италија, д-р Никола Лакиќ од Словенија и д-р Черчеш Миха, интервентен кардиолог од Словенија. Според Алиу, нивните наоди во голем дел се совпаѓале со заклучоците на домашната комисија.
Кај девет пациенти утврдени сомнителни постапки
Од анализираните 13 случаи, кај четири пациенти странските експерти оцениле дека третманот бил соодветен и во согласност со медицинските стандарди. За останатите девет пациенти, комисијата утврдила сомнителни наоди во дијагностичката евалуација, како и несогласувања меѓу ангиографските резултати и писмените извештаи, по што следувале несоодветни процедури.
Пациентите биле на возраст од 46 до 78 години, а анализираните интервенции биле извршени во повеќе јавни и приватни установи, меѓу кои Клиника за кардиологија, Клиника за кардиохирургија, ГОБ 8 Септември, Жан Митрев и Аџибадем Систина.
„Овие наоди се сериозни и не смеат да се релативизираат, но не смеат ниту да се користат за нарушување на угледот на целата лекарска професија“, изјави Алиу.
Извештајот ќе биде доставен до Обвинителството
Министерот најави дека извештаите од домашната и странската комисија ќе бидат испратени до Владата, Јавното обвинителство, Лекарската комора, ДСЗИ, Фондот за здравствено осигурување и ДКСК.
Тој посочи дека деветте пациенти се живи и ќе можат да добијат увид во извештаите доколку побараат, но документите нема да бидат јавно објавени поради можната понатамошна правна постапка.
Проф. д-р Александар Станков, координатор на внатрешната комисија, објасни дека извештаите претставуваат материјален доказ, а евентуалната постапка понатаму ќе зависи од одлуката на Обвинителството и можноста за вештачење.